Почитувани,
вљубеници во гастрономијата, почитувачи на готвачката уметност и сите добронамерни хедонисти.

 

Добредојдовте на веб страницата на ГастроМак, националната Асоцијација на готвачи и шефови на кујни од Македонија.

Влеговме во четвртата година на постоење, горди поради врвното гастрономско случување, манифестацијата на ГастроМак, што ја организираме секоја година, а која ја посетуваат иљадници натпреварувачи, судии, и која стана вистинска мамка за сладокусците и почитувачите на добрата храна од сите меридијани.

Инаку, се започна од идеја да направиме Асоцијација каде ќе ги собереме домашните готвачи професионалци,  студенти и ученици – потенцијални готвачи, да направиме институционална база на шефови на кујни која што ќе се грижи за вредностите на еснафот, која што ќе ја поттикнува нивната едукација и компетитивност и која ќе се грижи да не падне во заборав богатата гастрономска традиционална култура на нашето македонско поднебје.

Тоа е само почеток.
Го промовираме едукативниот процес во еснафот а достигнувањата во светското кулинарство ги воведуваме во чекор со современата македонска гастрономија, и го поттикнеме истражувачкиот дух во гастрономскиот свет.

Притоа, посветено работиме на светот да му ја доближиме македонската традиционална кујна, со сите нејзини специфики и регионални обележја, како и да ја презентираме фузијата на изворната и модерната национална кујна.
За овие наши заложби, многу му должиме на WACS, Светската Асоцијација организација на шефови на кујни, чија што членка сме од самиот почеток.

WACS во ГастроМак препозна свој релевантен партнер и репрезент на една возбудлива кујна, која што е нераскинлив дел од светското гастрономско наследство.
Уште од самото основање, ја сфативме потребата на домашните кулинарски експерти од вреднување на сопствените готвачки вештини и на интернационален план.

И тука имаме што да кажеме: во кусото постоење, нашите тимови на шефови на кујни посетија многу гастрономски натпревари во регионот, во Европа, но и ширум светот и, речиси, без исклучок, од секаде се враќавме со вредни признанија и награди.
Сите овие искуства, како и знаењата стекнати од учестватата на разни семинари, предавања и работилници водени од врвни светски шефови на кујни, со задоволство ги пренесуваме на средношколци и студенти,на младите и нови генерации на македонски готвачи, идните гастрономски шефови. Едукацијата низ работа и пренесувањата на светските гастрономски трендови кај нас е една од основните задачи на ГастроМак.

ПРЕТСЕДАТЕЛ на ГастроМак е г-ѓа Адријана Алачки, автор на најгледаното кулинарско шоу што веќе осум сезони се емитува на национална телевизија, емисија која има интерактивна врска со гледачите, и скоро да не постои педа земја во Македонија каде не е снимана „Вкусот на традицијата“. Токму гледачите се најголемите подржувачи на овој врвен професионалец со големо интернационално искуство и како предавач во работилници за готвење и, секако во етно и фолк музиката. Таа е автор на популарниот Македонски Традиционален готвач, кулинарски водич кој досега има неколку печатени изданија, и кој е вистински репрезент на кујната на нашата земја.
ЗАМЕНИК Претседател на ГастроМак е Шеф Љупчо Гиевски, првиот човек на кујната во хотелот „Александар Палас“ во Скопје и врвен готвач кој во своето богато гастрономско порфолио има угостено претседатели и премиери на држави, членови на кралски семејства и други ВИП личности од светскиот естаблишмент. Тој има тридецениско гастрономско искуство и е сертифициран Меѓународен судија на WACS.
ЧЛЕН на Основачкиот одбор на ГастроМак е и Г-дин Бесим Љатифи, сопственик на синџир ресторани под името New Albis, од Гостивар. Тој е сертифициран Меѓународен судија на WACS, човек со посебен сенс за негувањето на традицијата во современата гастрономија, врвен професионалец, посебно омилен меѓу сите членови на ГастроМак.
Досегашното активно работење, на нас во ГастроМак ни дава за право да бидеме горди што достојно ја внесовме Република Македонија на гастрономската мапа на светот!

Меѓу многуте награди, признанија, предаденост и работа, ГАСТРОМАК, како амбасадор и промотер на македонското кулинарство сериозно допринесува ова подрачје да стане и посакувана и интересна туристичка дестинација.

Не очекуваат уште поголеми успеси, нашето поднебје е родено да ја слави храната!

Сакате да бидете дел од нас?

info@gastromak.mk

Работно време

Од Пон - Пет: 09:00 - 17:00